Се враќа туристичкиот сјај на Отешево
Отешево прави обид да го врати сјајот на елитна туристичка населба со помош на инвестициите на преспанските повратници од странство. По неколкуте инвестиции за закуп и уредување на плажите, туристите на Преспанското Езеро ќе ги пречека и хотелот на семејството Нечовски кои спечаленото во Канада го вложија во родниот крај...

Ако некоја туристичка населба во Преспа, со своите убавини и се она што го поседуваше, беше најдобрата дестинација за одмор, тоа беше Отешево. Имајќи го во предвид ова нашите сограѓани кои поголем дел од работниот век го поминаа во Канада, фамилијата Нечовски, се реши својот капитал да го вложи токму тука. Помина година дена од инвестирањето. Сопственичката Лилјана Нечовска задоволна од оствареното.
„Годинава работиме поинтензивно на уредување на плажата, на објектот, а исто така работиме и со нов менаџмнет тим, така што очекувањата се многу поголеми“, вели Лилјана Нечовска, концесионер на одморалиштето.
Годинава уште пред самиот почеток на летната сезона посетеноста е зголемена, а се очекува така да биде и во главната сезона.
„Има интерес од туристички агенции, тур-оператори од Италија, Англија, Америка...“, додава Нечовска.
Новиот менанџер е исто така задоволен од работењето на објектот. Смета дека туристи ќе има се повеќе, а покрај оние кои прв пат ќе дојдат, сигурно ќе се вратат и оние што некогаш биле редовни гости.
„Објектот е исполнет со гости, исто имаме и пролазни гости, на 14-ти имаме и избор на Мис на Македонија, ќе бидат присутни и ’Солзи и смеа’“, изјави Ванчо Стојановски, менаџер на одморалиштето.
Сопствениците Нечовски и понатака ќе вложуваат, а очекуваат и други инвеститори кои би го заживееле западниот брег на Преспанското Езеро. Ова навистина го заслужува Преспа. Овде и тишината одмора.
Сандре Темелковски
