Брисел

Министерски состанок на НАТО, во фокусот Западен Балкан и конфликтите на Блискиот Исток и Украина

28.11.2023 12:53

Во Брисел Министерски состанок на НАТО. Во фокусот ситуацијата на Западен Балкан и воените конфликти на Блискиот Исток и во Украина. Учествува и шефот на дипломатијата Османи. Попладнево на собирот ќе се приклучи и високиот европски претставник Борел...

Војните во Украина, на Блискиот Исток и ситуацијата на Западниот Балкан во фокусот на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Брисел. НАТО ја испитува можноста за трајно зголемување на бројот на војници на Западен Балкан за да се одржи мирот, нарушен со барањата за одвојување на дел од Босна и Херцеговина и со тензиите на северот од Косово.

„Гледаме дека на Западен Балкан се зголемуваат тензиите и реториките во Босна и Херцеговина, видовме серија насилства во Косово вклучувајќи и напади врз мировниците на НАТО. Мораме да останеме фокусирани на Западен Балкан истовремено со војната во Газа и поддршката на Украина. НАТО ќе направи сè што е неопходно за да задржи и обезбеди стабилност во регионот, оти е важен за Европа и НАТО. Имаме присуство таму. Работиме со мисијата на ЕУ – ЕУФОР во Босна и Херцеговина, имаме присуство на Косово и поради зголемените тензии во последните три седмици испративме дополнителни илјада војници. Работиме со партнерите и сојузниците во регионот да ги намалиме тензиите и да спречиме конфликти“, изјави Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО.

Генералниот секретар на НАТО Столтенберг предупреди дека Русија се обидува да ги дестабилизира сојузниците со кибернетички напади, енергетска уцена и злоупотреба на мигранти преку Финска. Шефицата на бугарската дипломатија кажа дека дале дозвола за прелет на авионот на Лавров за учество на Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје.

„Одлуката е за отворање на воздушниот простор за руската делегација за да учествува на состанокот во Скопје што е многу важен за функционирањето на ОБСЕ. За нас беше важно да провериме кој е на списокот на делегацијата и дадовме дозвола оти нема лица против кои има санкции“, изјави Марија Габриел, МНР Бугарија.

НАТО треба уште еднаш да ја потврди долгорочната поддршка на Украина. Шефовите на дипломатиите разговараат и за Кина чии активности се предизвик за безбедноста на НАТО сојузот. Столтенберг повика на побрз прием на Шведска преку ратификација на членството во парламентите на Унгарија и на Турција.

 

Ирина Гелевска