Македонија

Сè уште се пробиваат патиштата во североисточниот регион

28.11.2023 13:47

Втор ден се пробиваат патиштата во североисточниот регион. Отсечени се неколку села, повеќето во кривопаланечко. Сè уште се санираат и дефектите на мрежата на ЕВН, предизвикани од снежното невреме …

Селата од североистокот се справуваат со последиците од снежното невреме. Во кумановско Градиште сè уште е непроодно. Екипите на ЕВН од вчера ги санираат дефектите на мрежата, но селото сè уште нема целосно електрична енергија. Учениците и наставничката денеска пеш заминале до училиштето, кое од главниот пат е на речиси два километри.

Снегот предизвика проблеми и во селата во Крива Паланка. Со механизација активно се работи на пробивање на локални патишта. Зафатени се Дренак, Нерав, Трново, Дурачка река. Очекувања се до крајот на денот да се надминат проблемите.

Екипите работат интензивно и на пробивање на патот кон селото Герман, во Ранковце.

Обилните врнежи од снег предизвикаа проблеми и во селото Мгленце, општина Старо Нагоричане, кое се наоѓа на самата граница со соседна Србија.

Во градските средини во североисточниот регион состојбата е стабилна.

 

Елена Георгиевска