Моторџии донираа опрема за болницата во Куманово
Дека хуманоста нема граници потврда е и помошта што за кумановската болница ја обезбедија членовите на моторџискиот клуб од Куманово и од Германија. Тие испратија пет шлепери медицинска опрема...

Болничка опрема, инвалидски колички, маси и столици, рентген апарати, клупи, специјални хидраулични кревети, гинеколошки столови и медицински потрошен материјал содржи донацијата од Геманија што ја обезбеди кумановскиот моторџиски клуб „Мечки“ во соработка со германскиот „Бајкер Бруми Хилфе“.
Оваа хуманитарна пратка највеќе содржи опрема за болницата, а дел ќе биде наменет за потребите на старечкиот дом и за центарот за лица со посебни потреби во Куманово.
„Најмногу содржи облека за персоналот и медицински апарати, но исто така и ивентар и друг материјал за болницата и останатите две институции“, изјави д-р Херман Минцел, моторџија и претседател на мото клубот Бајкер Бруми Хилфе.
Кумановските „Мечки“ хуманата акција ја иницираа уште мината година во рамките на турата за посета на повеќе моторџиски клубови во Европа.
„Задоволни сме што целата приказна заврши успешно. Ние моторџиите сме такви луѓе сакаме да се возиме, да се дружиме и ако може и да помогнеме“, вели претседателот на клубот „Мечки“, Јовица Гиновски.
Со опремата што пристигна во Болницата ќе се подигне квалитетот на услугите на граѓаните и нема да има потреба повеќе да патуваат во Скопје.
„Тоа што го побаравме и го добивме. Побаравме ехо апарати, рентген апарати, ендоскопи, гастроскопи, операциони маси и светла“, изјави Ариф Љатифи, директор на Општа Болница Куманово.
Целата пратка беше спакувана во 17 шлепери од кои 5 останаа во Куманово, а остантите 12 се наменети за Косово, Албанија. Aкцијата се спроведува под мотото „Солидарност и интеграција на Балканот“ и е под покровителство на Европскиот парламент и министерството за надворешни работи на Германија.
Габриела Димковиќ
