Невреме

Снежно невреме ги погоди Украина, Молдавија и Русија

28.11.2023 14:14

Украина зафатена од снежна бура. Силни ветрови и снежни наноси блокираа цели области. Од невремето погодена и Русија, има жртви и повредени...

Жртви и повредени во снежната бура што ја зафати Украина, Русија и Молдавија. 1.500 населби во 17 украински региони останаа без електрична енергија. Спасувачките екипи се на терен откако невремето го погоди регионот на Црно Море.

„Стотици луѓе и возилата на државната служба за итни случаи работат деноноќно. Помагаат и Националната полиција и Националната гарда, вклучени се и јавните комунални претпријатија. Во секоја заедница важно е да се направи се за да се избегнат жртви поради лошите временски услови. Најголем број жртви има во регионот Одеса – пет лица загинаа“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Русија пак, ја зафати најсилното невреме во последните 40 години, проследено со изобилни снежни врнежи. Има жртви, а два милиона луѓе останаа без струја. Во бурата што го зафати Крим, едно лице загина, десетмина се повредени.

„Многу е тешка ситуацијата. Целиот двор е поплавен, никаде не можете да одиме, наскоро ќе нема струја“, рече жител на Крим.

„Водата влезе во домовите. Во куќите беше до колена, додека кај оние куќи пониско, нивото на водата стигна до половината. За среќа, мајка ми испрати СМС-порака во која вели дека локалните момци ја евакуирале“, вели жител на Крим.

„Оние кои имаат потреба од засолниште добија привремено сместување во неколку центри“, изјави Јелена Демидова, градоначалничка назначена од Русија на Евпаторија.

Невремето влијаеше на воените операции, но и покрај временските услови, се интензивираа руските копнени и воздушните напади врз истокот на Украина. Во текот на ноќта е прогласена воздушна тревога во неколку региони.

 

 

Маријана Димовска