Загадување

И оваа зима амбиенталниот воздух во Охрид ќе биде загаден

28.11.2023 14:42

Потребна е политичка волја пропратена со соодветни финансиски ресурси, за конечно да почнат да се решаваат проблемите со загадениот амбиентален воздух во македонските градови. Ова е ставот на експертите, кои велат дека квалитетот на воздухот во градовите, а пред сè во Скопје ќе зависи од тоа дали оваа зима ќе има ветрови, бидејќи досега преземените мерки даваат минимални резултати.

Скопје повторно се вбројува помеѓу 10-те градови со најзагаден амбиентален воздух во светот. Слична е состојбата уште во неколку македонски градови, а причина за тоа се енормната урбанизација, несоодветното урбанистичко планирање и сообраќајот. Не помала улога во загадувањето имаат и домаќинствата кои за загревање користат опасен отпад, делови од стар мебел и моторно масло, а инспекторите поради малите надлежности не можат да го спречат тоа.

„Доколку имате информација дека некој во својот дом пали одредени недозволени дрва или отпаден материјал инспекторот нема можност да влезе дома, да направи увид. Значи тој може да побара да го пуштат во домот, доколку не го пуштат во домот тој не може внатре да инспектора што гори самата печка“, изјави проф. д-р Марина Малиш Саздовска-Факултет за безбедност Скопје.

Урбанизацијата создаде проблеми и онаму каде што во минатото никогаш не постоеле.

Иако Охрид се смета за воздушна бања и овде се забележува загадување на воздухот, во текот на зимата што го регистрираат дел од станиците кои се во функција.

„Пренагласената урбанизација, изградбата на високи градби во крајбрежниот појас, влијаат врз ружата на ветрови да не се реализира како што природата налага во овој микроклиматски регион. И практично сите овие емисии на издувни гасови и од сообраќајот и од домаќинствата останува заробен во коридорот на крајбрежниот појас“, изјави Кирил Ристовски-Центар за еколошка демократија „Флорозон“.

Вчера, Парламентот усвои измени на Законот за прекршоци во областа на животна средина, со што казните ќе бидат 20 кратно повисоки. Тоа е само еден од чекорите за надминување на проблемите, бидејќи мора да има измени и на Законот за урбано зеленило со што ќе се спречи неконтролираната урбанизација.

 

Сашо Нелоски