Продолжува потрагата по исчезнатата Вања Ѓорчевска
Повеќе од 24 часа сè уште интензивно се трага по тинејџерката Вања Ѓорчевска, која вчера утрото исчезна откако излегла од дома кон училиште. Полицијата испитува лица, се анализираат камерите во објектите…

Министерството за внатрешни работи објави фотографија од исчезнатата Вања Ѓорчевска. Продолжува потрагата по 14-годишната тинејџерка, чијашто трага од понеделникот се губи во скопско Дебар Маало, на пат кон училиштето „Песталоци“
Опис: висина 175 см, тежина 58 кг, коса темнокафеава, очи кафеави, носи протези на горните и долните заби, има бенка на десната страна од лицето. Облечена во син блузон, црна јакна, црни фармерки со странични џебови, бели патики со кафеави линии. Со себе носи школски ранец и мобилен телефон „Ајфон“, стои во описот на полицијата.
Полицијата, но и семејство, роднини, пријатели, нејзините другари, цел ден и цела ноќ трагаат по Вања. Таа излегла од домот и тргнала кон училиштето, но оттука и се губи секоја трага. Низ центарот на градот веќе се залепени и фотографии од девојчето.
Повеќе од 24 часа нема ни трага од исчезнатата тинејџерка којашто вчера беше пријавена за исчезната од страна на нејзината мајка. Вчера, рано утрината, девојчето се упатило кон училиштето „Песталоци“ за да ја следи наставата но потоа мајката била известена од класниот раководител дека воопшто не се појавила на часови.
Проверени се камерите на трасата по којашто вообичаено се движела Вања. Телефонот на девојчето е исклучен. Целиот случај предизвика голема вознемиреност во јавноста.
Ја исконтактиравме и мајката на Вања, која беше во полициска станица. Таа верува дека истрагата ќе даде резултат. МВР апелираше да не се шират дезинформации и најави оти постојано ќе ја информира јавноста.
Ана Јосифоска Тодоровска
