„Покондирена тиква“ предизвик за актерите од сите генерации
„Покондирена тиква“ се уште е предизвик за актерите од сите генерации. Овој вечно актуелен текст на сатиричарот Стерија Поповиќ одлично го одиграа и актерите од драмското студио во Тетово...

Театарската претстава „Покондирена тиква“ на Јован Стерија Поповиќ беше најновиот предизвик за тетовските актери. Премиерата се одржа во центарот за култура Иљо Антески Смок во Тетово во режија на Саше Серафимовски.
„Ова дефинитивно е безвременски текст. Текст кој ме поттикна да прикажеме еден реален живот во нашиот град, всушност какви сме како луѓе. Над своите можности се обидуваме да направиме нешто што неможеме“, изјави Саше Серафимовски, актер и режисер.
Екипата е спој на доајените на тетовското атерство како Гордана Георгијадис, Радисав Наумчески, Љубица Неделковска и младите таленти Маријана Антовска, Горан Глигориевски, Бранко Силјановски и Кристина Димовска.
„Чувството е прекрасно. Посебно кога публиката е задоволна, ние сме уште позадоволни“, вели Марија Антовска, актер.
„Се гордеам што можам барем тронка од моето искуство да им пренесам на помладите. Се разбира дека и јас учам нешто од помладите“, рече актерот Радисав Наумчески.
Уште еднаш се покажа дека на тетовската публика и недостигаат вакви настани од културата и уметноста.
„Тетово е театарски град. Тетово е град со традиција за уметност и култура“, смета актерката Гордана Георгијадис.
Текстот на „Покондирена тиква“ авторот Поповиќ го напишал во 1830 година исмејувајќи ги мааните на своите современици од тогашна Јужна Унгарија.
Зоран Јованоски
