Скопје подготвено за Министерскиот совет: Лавров доаѓа, Украина и балтичките земји го откажаа присуството
Скопје подготвено за Министерскиот совет на ОБСЕ. Софија даде дозвола за прелет на авионот на Лавров. Рускиот шеф на дипломатијата ќе присуствува на собирот. Но, тоа повлече реакции – украинскиот министер Кулеба не доаѓа, а состанокот ќе го бојкотираат и балтичките земји…

Бугарија привремено го отвори небото за прелет на авионот со кој шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров ќе слета на скопскиот аеродром за да присуствува на 30-от Министерски совет на ОБСЕ. Дипломатското овластување ќе важи 3 часа пред и 72 часа по назначениот датум, а дадената дозвола не важи за членовите на делегацијата на Лавров. Официјална Софија вели дека дозволиле Лавров да пристигне во земјава бидејќи состанокот е многу важен за опстанокот на ОБСЕ.
Доаѓањето на Лавров на Министерскиот совет, ги налути властите во Украина. Министерот за надворешни Кулеба го откажа доаѓањето во Скопје. Од украинското МНР се заблагодарија на посветеноста на Северна Македонија и на министерот Османи за кои покажале висок професионализам и непоколеблива посветеност на заштитата на принципите и обврските на ОБСЕ, но според украинското МНР, Руската Федерација постојано го уништува ОБСЕ злоупотребувајќи го правилото за консензус.
„Одејќи кон уцени и отворени закани, Русија систематски го блокираше консензусот за клучните прашања. Блокирањето на кандидатурата на Естонија за претседавање со ОБСЕ во 2024-та година, исто така, стана опционално. Покрај тоа, Русија незаконски приведе тројца Украинци – претставници на ОБСЕ, кои се во затвор повеќе од 500 дена“, велат од украинското МНР.
И министрите за надворешни на Естонија, Летонија и Литванија го откажаа присуството на Министерскиот совет во Скопје. Во заедничката изјава на шефовите на дипломатиите на балтичките земји, стои дека планираното присуство на Лавров ризикува да го легитимира агресорот Русија како законски член на заедницата на слободни нации.
Дел од гостите веќе пристигнуваат, Блинкен во среда ќе присуствува на неформалната вечера. МВР со генерална проба за спроведување посебен сообраќаен режим пред Министерскиот самит. Владата го прогласи четврток за неработен ден.
Во Скопје ќе допатуваат 70 делегации и 50-тина шефови на дипломатии. Руско-украинската војна, состојбите на Блискиот Исток и иднината на ОБСЕ ќе бидат во фокусот на 30-от Министерски совет.
Викторија Милевска
