Идната недела договор за датумот за избори
Идната недела ќе се договори датумот за избори. Тоа ќе се случи на лидерска средба во Собранието, на којашто ќе учествуваат предводниците на парламентарните партии. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски предупреди, техничкиот премиер од ДУИ ќе нема легитимитет…

Премиерот Ковачевски потврди дека претседателските и парламентарните избори може да се одржат во еден термин, а деталите ќе се испеглаат на лидерската средба на парламентарните партии во Собранието за официјално утврдување на датумот. Шефот на владата остава можност, но не сега, за укинување на техничката влада, иако вели дека за тоа треба консензус.
Од друга страна, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски инсистира на укинување на техничка влада 100 дена пред избори. Крајно време е да се интервенира во законите и да се укине оваа можност вели Мицкоски, потенцирајќи дека граѓаните не мора да сведочат на караниците во привремената влада, а не мора да трпи ниту бизнисот додека истата е актуелна.
Собранието е отворено за лидерска средба рече спикерот Џафери, кој посочи дека на крајот на јануари ќе биде формирана техничката влада, а на крајот од февруари распишани изборите.
Миле Ристески
