Не заседаваше Анкетната комисија за „Онкологија“, власта и опозицијата со спротивни ставови
Анкетната комисија за случајот „Онкологија“ денеска не заседаваше. Рокот за донесување заклучоци истекува на 3-ти декември. Власта и претседателката Мизрахи останаа со спротивставени ставови. Поранешната директорка на ДЗСИ, Сотирова-Бухова тврди дека е цел на политички реваншизам…

СДСМ ја прашува претседателката на Анкетната комисија Мизрахи, зошто не закажува седница за заклучоците на Комисијата. Според владејачката партијата, Мизрахи ја злоупотребила функцијата и треба да поднесе оставка.
Мизрахи на обвинувањата на СДСМ одговори дека владејачкото мнозинство се обидува да ги заштити од политичката одговорност сите државни и здравствени функционери кои се одговори за скандалот во „Онкологија“. Според неа, прекршени се над 37 закони од оние кои раководеле во здравството. За оставката што СДСМ ја бара од неа, Мизрахи вели-нека поведат иницијатива во Собранието.
Поранешната директорка на Државниот здравствен и санитарен инспекторат, Ирина Сотирова-Бухова, за која Мизрахи побара политичка одговорност, реагира дека предлог-заклучоците се одраз на политички реваншизам.
„Како здравствен работник јас ја поддржувам работата како на Анкетната комисија така и на секој орган што би придонел до расчистување на сите околности за овој случај, но не можам да останам нема на злоупотребата на овој процес за нелегитимно собирање политички поени и неоснована политичка дискредитација“, вели Бухова.
Игор Панов
