Истекува примирјето во Газа, посредниците работат на продолжување
Истекува примирјето во Појасот Газа. Вашингтон и Доха потврдија дека работат на продолжување на воениот прекин. Од Тел Авив со став, борбите продолжуваат откако хуманитарната пауза ќе заврши...

Од Белата куќа и катарското МНР велат дека работат со Израел и Хамас за продолжување на примирјето во Појасот Газа. Тел Авив ја повика меѓународната заедница да изврши притисок за итно ослободување на сите заложници што ги држи терористичката организација.
„Во овој момент во Газа Хамас го држи нашиот народ како заложник. Мажи, жени, деца, бебиња. Ги повикуваме сите луѓе кои се грижат за правата на жените, децата, човековите права, иднината на човештвото, да ни се придружат во повикот за итно ослободување на сите заложници“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската одбрана.
Израел и Хамас со меѓусебни обвинувања за кршење на тековната хуманитарна пауза. Жителите во Појасот Газа очекуваат продолжување на примирјето со надеж дека завојуваните страни ќе постигнат траен прекин на огнот што е можно поскоро.
„Би сакале да видиме траен прекин на огнот, бидејќи овде сите живеат под голем притисок. Во моето семејство секоја вечер сме загрижени од можно бомбардирање следниот ден“, вели жител на Газа.
„Храната и другите потреби во Појасот Газа сè уште се далеку од соодветни“, рече жител на Газа.
Американски воен авион со медицински материјали, храна и облека долета во опколената енклава, соопштија од Пентагон.
„Тема на дискусија меѓу секретарот Остин и израелскиот министер за одбрана продолжува да биде важноста на спроведување операции во согласност со Законот за вооружени конфликти, заштита на цивилите и обезбедување на помошта“, изјави бригаден генерал Пет Рајдер, портпарол на Пентагон.
Израелската војска повтори дека е подготвена да продолжи со борбите во Појасот Газа веднаш штом заврши прекинот на огнот. Властите во Тел Авив велат дека за нападот од Хамас на 7-ми октомври се очекува опсежна истрага.
Маријана Димовска
