Затворите полни, измените во Законот за амнестија нема да го решат проблемот
Македонските затвори се полни. Во нив во моментов има две илјади затвореници, а треба да влезат уште 3.500. според надлежните измените во Законот за амнестија нема да го решат проблемот, туку процес на пробација, кој значи за казните да се изрекуваат алтернативни мерки, како општокорисна работа...

Македонските затвори пренатрупани. Во нив има околу 2.000 затвореници, а уште 3.500 чекаат за издржување на казната. Амнестијата нема да го реши проблемот, туку процесот на пробација, односно замена со друга алтернативна мерка, дециден директорот на Управата за извршување санкции. Со тоа вели, ќе се олеснат затворите. Кај нас шест години функционира оваа служба, со која има изречено вкупно 21 година општокорисна работа. Во моментов се работи на 366 предмети.
„Веќе во пракса имаме позитивно искуство од судовите и судиите кои ги изрекуваат овие работи, да се зачуваат семејствата, работните места, а сепак да бидат казнети. Како пример, и ние бевме санкционирани на таков начин во времето на короната. И тогаш стоеја алтернативните казни на располагање дел од судиите тоа го практикуваа, но многу изрекоа и казни затвор за прекршување на корона протоколите па потоа се даваше амнестија, нема потреба од амнестија“, изјави Јовица Стојановиќ, директор на Управата за извршување на санкции.
Судиите најчесто се решаваат за мерката затворска казна, бидејќи не се доволно запознаени што значи да се изрече друга заштитна мерка. Ова особено е случај во внатрешноста од земјава. Од фелата велат – потребна е обука.
„Може би требало поголема обука на тие судии, да знаат дека навистина не се постигнува целта со краткотрајни мерки затвор или со казни затвор или доколку може лицето да се коригира, да се ресоцијализира и да се реинтегрира со помош на пробациската служба“, изјави Оља Ристова, судија во Основен Кривичен суд – Скопје.
„Во моментов можеме да се пофалиме дека постојат 11 пробациски канцеларии кои се функционални на подрачјето на првостепените основни судови и постојат 28 обучени лица за пробација“, изјави Викторија Аврамовска Мадиќ, заменик министер за правда.
Надлежните уверуваат-условите во затворите во последните години се значително подобрени. Ако во 2017-та имало 1.900 осуденици само во Идризово, сега има 2.000 во сите затвори низ земјава.
Андријана Ѓурческа
