Здравство

Граѓаните од североистокот заинтересирани за имунизација против грип

30.11.2023 13:39

Над две илјади кумановци примиле вакцина против сезонски грип. Интерес за имунизација има и во останатите помали општини од североистокот, информираат од Центарот за јавно здравје. Најмногу се вакцинираат повозрасните граѓани …

Жителите од североистокот се заинтересирани за имунизација против сезонски грип. Од Одделението за епидемиологија од Центарот за јавно здравје Куманово информираат дека досега се вакцинирале над 2.100 граѓани. Интерес има и за комерцијални вакцини, со кои досега се имунизирани над 100 лица. Најмногу велат се вакцинираат повозрасните граѓани.

„Вакцината е најефикасна, најбезбедна мерка за заштита од грипот, компликациите, од хоспитализација на пациентите, па и од смртен исход. Се препорачува луѓето кои се во постојан контакт да се вакцинираат и бремените жени исто така и здравствените работници, ние постојано сме изложени, за децата од шест месеци до пет години исто така се преферира“, вели доктор Едита Рамизи од Центарот за јавно здравје Куманово.

За разлика од претходната, годинава велат лекарите интересот е многу поголем за имунизација. Сè уште тече процесот на имунизација и аплицирањето во системот.

Интерес за имунизација има кај сите жители од североистокот. Од Крива Паланка досега се вакцинирале над 500, додека во Кратово 200 лица.

Центарот располага со доволен број на вакцини против сезонски грип.

 

Елена Георгиевска