НАТО

Состанок на советот НАТО - Украина во Брисел

29.11.2023 14:40

Во Брисел состанок на советот НАТО-Украина, за првпат рамноправно седнати на иста маса. Генералниот секретар Столтенберг потенцира-местото на Киев е сè поблиску до Алијансата. Одбраната на Европа е невозможна без нас-вели шефот на украинската дипломатија. На фронтот и натаму се водат жестоки борби.

Министерот за надворешни работи на Украина и земјите членки на НАТО за првпат во Брисел рамноправно се на истата маса во рамките на советот НАТО-Украина. Генералниот секретар Столтенберг изјави дека во војната во Украина досега загинале над 300 илјади руски војници. Потенцираше дека Русија ослабнала на економски, политички и воен план. Во голема мера заслугата за тоа ја има Украина и токму поради тоа местото на Киев е сè поблиску до Алијансата.

„Овој состанок покажува дека Украина се приближува до НАТО. Сите сојузници се согласуваат дека местото и е во Алијансата, сега треба да почнеме да работиме на конкретни чекори. Фактот што успеавте да ги потиснете руските сили од север, на исток и на југ и им нанесовте големи загуби на руските напаѓачи е голема победа за Украина“, изјави Јенс Столтенберг – генерален секретар на НАТО.

Одбраната на Европа е невозможна без Украина-вели шефот на дипломатијата Кулеба.

„Победата на Украина е во интерес не само на Украина туку и на целата евро-атлантска заедница. Нема да биде претерување ако се каже дека одбраната на Европа без Украина е залудна задача. Затоа што во моментов ја имаме најсилната и најборбената армија во Европа. Стануваме де факто армија на НАТО во однос на пристапите за управување со техничките капацитети и принципите за водење армија“, изјави Дмитро Кулеба - министер за надворешни работи на Украина.

Во моментов, разговорите за датумот за Летонија не се толку неопходни колку што се потребни конкретни мерки на патот за интеграција на Украина.

„Иднината на Украина е во НАТО. Сега треба да почнеме да работиме на конкретни чекори што можеме да ги направиме за да и помогнеме на Украина да биде подготвена и да се приклучи кон НАТО. Едно е да се каже дека Украина треба да биде во НАТО, но за тоа да се реализира потребни се конкретни чекори. Прашањата во законодавството, војската, оперативните постапки, методите, имаме многу работа“, изјави Крисјанис Каринс - министер за надворешни работи на Летонија.

Додека Киев се обидува да преговара за условите за членството во алијансата, на фронтот и натаму се водат жестоки битки. Во текот на ноќта Русија лансираше 21 беспилотно летало и три крстосувачки ракети, некои од нив и од руската црноморска флота-соопштија од украинските воздухопловни сили. Лошите временски услови ги отежнуваат напорите на Москва да ги обезбеди позициите на истокот-тврдат украинските власти.

 

Бојана Крстевски