Вакцинација

Вакцинирани над 950 деца во рамки на кампањата на Министерството и СЗО

30.11.2023 11:23

Во рамки на оваа кампања се вакцинирани и 500 граѓани над 65 годишна возраст во нивните домови со вакцина против сезонски грип кои не можеле да пристапат до пунктовите за имунизација.

Над 950 деца досега се вакцинирани во нивните домови или им е закажан термин за вакцинација со пропуштени рутински вакцини и се поделени над 1.400 информативни брошури, во рамки на заедничката кампања на Министерството за здравство и Светската здравствена организација, со поддршка од Европската Унија, насловена „Од врата до врата“.

Во рамки на оваа кампања се вакцинирани и 500 граѓани над 65 годишна возраст во нивните домови со вакцина против сезонски грип кои не можеле да пристапат до пунктовите за имунизација. За нив е обезбедена и бивалентна ревакцина за Ковид-19.

Во кампањата се вклучени 30 медицински тимови од здравствените домови и Институтот за јавно здравје, кои планирано е да посетат 2.900 семејства, во над 150 населени урбани и рурални места.