Израел

Жртви и повредени во терористички напад во Ерусалим

30.11.2023 12:43

Терористички напад во Ерусалим. Две лица загинаа кога двајца напаѓачи отворија оган на автобуска станица. За уште еден ден продолжено примирјето во Појасот Газа за размена на заложници и палестински затвореници. Во Тел Авив средба на американскиот државен секретар Блинкен со претседателот Херцог...

Тројца убиени и шестмина ранети. Терористички напад во Ерусалим. Двајца напаѓачи отвориле оган на автобуска станица. Полицијата ги ликвидирала.

„Двајцата вооружени, едниот со пушка М-16, другиот со пиштол излегле од автомобил во близина на автобуската и отвориле оган. Двајца војници и цивил брзо реагирале и ги убиле напаѓачите“, изјави Дорон Тургеман, началник во израелската полиција на Ерусалим.

Станува збор за двајца палестински терористи-браќа, кои биле членови на Хамас, претходно познати на полицијата поради издржување затворска казна за тероризам – тврдат израелските власти. Нападот во Ерусалим ја зајакнува решеноста на Израел да продолжи во војната со тероризмот-изјави првиот човек на израелската безбедност.

„Овој настан повторно докажува дека не смееме да покажеме слабост. Дека треба да разговараме со Хамас само преку нишани и војна“, изјави Итамар Бен-Гвир, министер за национална безбедност на Израел.

За уште еден ден продолжено примирјето во Појасот Газа за размена на заложници и палестински затвореници. Последната ослободена група е во стабилна состојба, велат лекарите.

„Тешкотиите од долгите денови што ги поминале во заробеништво се очигледни. Некои од нив имаат различни повреди, но за среќа, сите се во стабилна состојба“, изјави Итаи Песах, директор на болницата за деца „Едмонд и Лили Сафра“.

Во Тел Авив средба на американскиот државен секретар Блинкен со претседателот Херцог. Уште еден обид на САД да го продолжат примирјето за ослободување повеќе заложници, но и да се забрза испораката на хуманитарна помош.

„Работиме, се молиме и бараме итно ослободување на сите заложници. Им благодарам на САД за огромната посветеност во ослободувањето на заложниците. Таму сè уште се околу 150 луѓе во рацете на Хамас“, изјави Исак Херцог, претседател на Израел.

„Изминатата недела видовме многу позитивен развој на настаните во враќањето на заложниците дома и нивно обединување со семејствата. Тоа треба да продолжи и денеска, што ќе овозможи дополнително да се зголеми и хуманитарната помош да стигне до невините цивили во Газа. Овој процес дава резултати, важно е и се надеваме дека ќе може да продолжи“, изјави Антони Блинкен, државен секретар на САД.

Милитантната група досега ослободи 102 заложници во замена за 210 палестински затвореници. Пред прекинот на огнот, двајца беа пронајдени мртви во Газа.

 

 

Бојана Крстевски