секретаријат

Маричиќ: Позитивниот модел на мултикултурализам во Северна Македонија е пример за регионот

30.11.2023 13:36

Заменик претседателот за европски прашања Бојан Маричиќ се обрати на денешната Конференција посветена за жени ромки и патнички...

За почеток во изјавата Маричиќ истакна дека основните принципи на програмата на коалицијата што ја предводи оваа Влада е стратешката определба да гради општество еднакво за сите.

Вицепремиерот Маричиќ ја потврди силната политичка волја за целосна имплементација на стратегијата за вклучување на Ромите и жените Ромки како посебна категорија.

„Во оваа насока заеднички работиме на подобрување на благосостојбата на Ромите, квалитетот на живот и нивна интеграција во македонското општество, а преку него и во поширокото европско семејство.

Само така ќе ги оствариме целите од стремежот да градиме кохезивно општество и општество со континуиран економски и севкупен одржлив развој, во кое граѓаните, независно на која етничка заедница и припаѓаат, се чувствуваат безбедни и имаат еднакви можности за личен развој и напредок.“

„Определени сме да ги следиме и сите европски препораки. Важно е политичкото учество на граѓаните Роми во донесувањето одлуки што се поврзани со унапредувањето на положбата на Ромите во Северна Македонија. Овој позитивен модел што го применува нашата земја е пример во регионот и пошироко.“ – рече Маричиќ.

За решавање на приоритетните прашања за граѓаните Роми, ги ставивме во функција ресурсите од централниот буџет и донаторските средства. Сите овие политики даваат видливи резултати и тие се нотирани и во Извештајот на ЕК за напредокот на земјата.

Маричиќ во таа насока ги спомна законодавните активности за зајакнување на превенција од кривични дела на расизам и за унапредување на правото на Ромите до пристап до правдата, преку механизмот на Бесплатната правна помош.

На конференцијата учество зедоа и Бјорн Берге, заменик генералниот секретар на Совет на Европа, министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска и други високи претставници.