Во Дубаи почна Климатскиот самит КОП28
Почна Климатскиот самит во Дубаи со делегати од речиси 200 земји. Конференцијата ќе трае до 12-ти декември. Младинските активисти со порака до светските лидери за ставање крај на загревањето на планетата земја и пронаоѓање одржливи решенија...

Со минутен молк во знак на жртвите во тековниот конфликт во Појасот Газа, почна Климатскиот самит во Дубаи со делегати од речиси 200 земји. Намалувањето на штетните емисии во атмосферата, постепеното укинување на употребата на фосилни горива, обезбедувањето средства од богатите за сиромашните земји во надоместок на штетата од климатските промени, водечки теми на дискусиите.
„Мораме да се погрижиме овој Самит да го испорача најамбициозниот можен глобален износ. Ние колективно имаме моќ да направиме нешто без преседан. Всушност, немаме избор. Ве замолувам сите да работите заедно. Бидете флексибилни. Најдете заеднички јазик. Излезете напред со решенија. И постигнете консензус“, изјави Султан Ал Џабер – претседател на КОП 28.
Конференцијата, која трае до 12-ти декември во еден од десетте најголеми производители на нафта, се случува во време кога експерти алармираат дека 2023 година е најтоплата година забележана досега.
„Потребна ни е и искрена проценка за тоа каде стоиме во однос на нашата колективна амбиција, со острата реалност на науката и со гласовите на погодените заедници низ целиот свет. Брза проверка на реалноста во овој поглед треба да не загрижува сите нас од повеќе причини“, изјави Самех Шукри, претседател на КОП 27 и министер за надворешни работи на Египет.
Младинските активисти со порака до светските лидери за ставање крај на загревањето на планетата земја и пронаоѓање одржливи решенија.
„Живееме во свет кој е поддржан од природни процеси. Во борбата со климатската катастрофа треба да гледаме решенија во природата за природата“, изјави еден студент.
„Како млад научник, сакам да им кажам на водачите на самитот дека сите промени треба да се случат одвнатре“, вели друг студент.
„Ние како млади се обидуваме да контролираме што можеме. Но, на крајот на денот, нема смисла кога владите и лидерите на нашите земји не ги ставаат природата и климата како главен приоритет“, додаде трет студент.
Во 2015 година во Париз, на Рамковната конвенција на Обединетите Нации за климатски промени, 198 земји се обврзаа да го ограничат растот на глобалните температури на 1,5 степени Целзиусови.
Маријана Димовска
