Македонија

Битола се приклучи кон кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство“

30.11.2023 15:24

Со јавна дискусија на тема „Заштити се! Зборувај гласно!“ Општина Битола се приклучи кон 16- дневниот активизам против родово базирано насилство. Во Битола, една година функционира Женскиот центар за поддршка каде помош добиле 57 жртви, од кои 29 жени и 28 деца. Најголем проблем што не пријавуваат жртвите, е тоа што шалтер центарот нема добри услови и нуди краткорочно згрижување...

Ирена Димовска шест години била жртва на семејно насилство. Вели долго лутала низ лавиринтите на институциите, макотрпен бил процесот да се дојде до правда и мирен живот. Најголема поддршка добила од центрите за семејно насилство и од жени со иста судбина како нејзината.

„Иако патот низа институциите е тежок и не е секогаш пријатен, веќе сум изјавувала- доколку не се пријави, тоа е исто како да не се случило, мора да се пријави за да може да докажеме, дека навистина сме жртви и да не се турка тоа под тепих“, изјави Ирена Димовска-жртва на семејно насилство.

Според статистиките на труд и социјала, годишно во просек има околу 1.500 нови пријави за семејно насилство. Но, според истражувањето на ОБСЕ во 2019-та, состојбата е алармантна, а бројките далеку од реални.

„Жените го пријавуваат само најсериозниот инцидент, и дека оваа бројка во суштина претставува само 2% од вкупниот број“, изјави Елена Димушевска- Национална мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.

Во Битола веќе една година функционира Женскиот центар за поддршка. За овој период пружена е помош на 57 корисници, од кои 29 се жени, а 28 малолетни деца.

„Оваа бројка покажува дека во нашиот регион семејното насилство е прилично присутно, веројатно оваа бројка ќе се зголемува како што ќе се охрабруваат да пријавуваат“, изјави проф. д-р Гордана Ристевска- Димитровска, Женски центар за поддршка-Битола.

Покрај Центарот за поддршка, една од заложбите на локалната самоуправа е Битола е да добие Шелтер центар.

Оваа кампања се спроведува во текот на 16 дена, во период од 25-ти ноември кога се одбележува Меѓународниот ден за елиминација на насилство против жените и 10-ти декември – Меѓународниот ден на човекови права.

 

Александра Максимовска