Жестоки борби на истокот од Украина, апел до цивилите да не излегуваат од своите домови
На седницата на Советот за безбедност, Западот ја оцени како лицемерна резолуцијата на Русија со која побара итен прекин на огнот во Украина и хуманитарен коридор...

Проруските борци во Славјанск тврдат дека собориле украински борбен авион Сухој Су 25, а според самопрогласените власти, исто така и хеликоптер, неколку тенкови и воен транспортер. Тие обвинуваат дека украинската војска не дозволила евакуација на два автобуса со деца пред борбите што се разжестуваат. Двете страни апелираа до цивилите да не излегуваат од своите домови.
На седницата на Советот за безбедност, Западот ја оцени како лицемерна резолуцијата на Русија со која побара итен прекин на огнот во Украина и хуманитарен коридор.
„Имаме политичка рамка, Женевскиот договор и насоките од ОБСЕ, но за тоа да успее, насилството мора да запре. Тоа е целта на оваа резолуција“, изјави Виталиј Чуркин, амбасадор на Русија во ОН.
„Да ја искоментирам руската иницијатива на ист начин: цинично и неморално е самото тоа што Русија, како земја што неодамна окупираше и анектираше дел од украинската територија и спонзорира нереди и тероризам на истокот, предлага план за смирување, смета Јуриј Сергејев, амбасадор на Украина во ОН.
Русија и официјално ја прекина соработката со Парламентарното собрание на Советот на Европа бидејќи на нејзината делегација и беа одземени низа овластувања по анексијата на Крим.
