30-ти Министерски совет

И покрај војните во Украина и на Блискиот Исток, ОБСЕ продолжи да испорачува

30.11.2023 15:41

Министерски состанок на ОБСЕ- Македонија домаќин на над 70 делегации. Османи со повик до министрите за надворешни за обединување за заложбите на организацијата. Земјите од НАТО и Европската унија ја уништија воено- политичката димензија на ОБСЕ, порача Лавров од Скопје…

Македонија претседаваше со ОБСЕ во уникатна оперативна средина и исклучително тежок контекст, но решително им служевме на вредностите на организацијата. Ова го истакна шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи на отворањето на 30-тиот Министерски состанок во македонската престолнина. И покрај војните во Украина и на Блискиот Исток, ОБСЕ продолжи да испорачува, рече Османи, додавајќи дека мултилатерализмот останува најдоброто оружје за превенција на конфликти и надминување несогласувања.

Војната во Украина продолжува да ги поткопува темелите на ОБСЕ, па затоа, централен приоритет за македонското претседавање беше и останува обезбедување суштинска поддршка за Украина и украинскиот народ, став на премиерот Димитар Ковачевски. Македонскиот премиер нема да има средба со шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, кој за прв пат од почетокот на војната во Украина, пристигна во земја-членка на НАТО.

„Македонските граѓани изградија успешно мултиетничко општество, а Македонија демонстрираше успешна дипломатија со своите соседи и најдобро ја разбира важноста од позитивниот ангажман во ОБСЕ“, посочи претседателката на Парламентарното собрание на ОБСЕ, Пиа Каума.

„Поддршка за Украина и борба против трговијата со луѓе и климатските промени треба да бидат приоритети на ОБСЕ“, истакна генералната секретарка на организацијата, Хелга Шмид.

Земјите од НАТО и Европската унија ја уништија воено-политичката димензија на ОБСЕ, истакна шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров. Додаде дека ОБСЕ е во лоша состојба и уништена уште во 1999-тата година.

„Во 1999-та година, НАТО изврши нескриена, брутална агресија врз Југославија, членка на ОБСЕ и ОН. И во 2008-ма година, кршејќи ја резолуцијата 12 44 на Советот за безбедност на ОН и принципот на неповредливост на границите во Европа од завршниот акт на Хелсинки, на Србија и беше одземено Косово без никаков референдум“, изјави шефот на руската дипломатија Лавров.

Паузата во борбите против Хамас ќе трае до ослободување на заложниците, а потоа ќе продолжат, сè до целосна елиминација на Хамас, истакна шефот на израелската дипломатија, Ели Коен.

„Има само еден одговорен за масакрот на 7-ми октомври за заложниците, војната што почна, потоа и страдањето на луѓето во Газа – тоа е Хамас Исис. Ние ќе продолжиме да се бориме сè додека не ги вратиме сите наши заложници и сè додека не го елиминираме Хамас. Светот треба да биде обединет да ја ослободи Газа од Хамас Исис, за да се осигури дека вакви дела нема да се појават на ниедно друг место во светот“, нагласи шефот на израелската дипломатија Коен.

30-тиот Министерски совет на ОБСЕ продолжува и утре, а во негови рамки се очекува и формална одлука претседавач со организацијата во 2024-та година, по Македонија, да биде Малта.

Марија Котовска