Продолжија борбите меѓу Израел и Хамас по истекот на примирјето
По истекот на примирјето, продолжија борбите меѓу Израел и Хамас. Во седумдневниот прекин на огнот, со две продолженија, размена на десетици заложници од Газа за стотици палестински затвореници. Главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд Карим Кан во Тел Авив. Од судот појаснуваат, посетата не е од истражен карактер.

Заврши примирјето во палестинската енклава. Израел ја продолжи офанзивата. Тврди-Хамас го прекрши примирјето, не ги испочитува условите од договореното и не достави список со заложници. Претходно одбраната соопшти дека инсистира на ослободување на сите жени и деца, но исто така, и дека е подготвена да ја продолжи војната.
„Во текот на ноќта инсистиравме на спроведување на сегашниот план за враќање на сите жени и деца. Посредниците, Катар и Египет, исто така се залагаа договорот за примирјето да продолжи. Но, подготвени сме и да нападнеме во секое време“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската одбрана.
Јеменските Хути ветија дека ќе продолжат со ракетните напади врз Израел и ќе киднапираат израелски бродови во Црвеното Море, доколку продолжат нападите врз Појасот Газа.
„Нема да се двоумиме да ги прошириме своите воени операции против израелскиот ентитет врз цели на копно или на море“, изјави Јахја Сари, воен портпарол на Хутите.
Израел објави мапа со која го дели Појасот Газа на стотици зони кои ќе им помогнат на палестинските цивили да ги избегнат активните борбени области. Во Тел Авив пристигна и главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд Карим Кан. Од судот појаснија дека посетата не е од истражен карактер. И покрај обновените борби, разговорите за примирје продолжуваат.
Бојана Крстевски
