Министерот Спасовски во посета на Секторот за внатрешни работи Скопје
Според податоците кои беа презентирани пред министерот Спасовски, безбедносната состојба на подрачјето на СВР Скопје е на задоволително ниво, а во споредба со истиот период минатата година евидентно е намалувањето на бројот на регистрирани кривични дела и зголемена ефикасност на полицијата во нивно расчистување...

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска беше во посета на Секторот за внатрешни работи Скопје, организациска единица на МВР, која презема мерки и активности на најголемо подрачје, покривајќи територија од околу 1.800 km2 на која се протегаат 17 општини. Целта на работната посета и на средбата со раководството на овој сектор е во сумирање на резултатите од годината што изминува, во која полициските служби постапувале по над 80.000 пријавени настани, кривични дела, прекршоци, асистенции, обезбедувања на јавни собири, манифестации и натпревари.
Според податоците кои беа презентирани пред министерот Спасовски, безбедносната состојба на подрачјето на СВР Скопје е на задоволително ниво, а во споредба со истиот период минатата година евидентно е намалувањето на бројот на регистрирани кривични дела и зголемена ефикасност на полицијата во нивно расчистување.
Според Спасовски, ефективноста во реализацијата на делата од класичниот криминалитет изнесува 11%, кај економскиот криминал 51%, додека кај делата од организираниот криминал е 40%. За одбележување е бројката од 345 приведени лица од страна на Тимот Потраги при СВР Скопје кои биле барани по распишани потерници, за издржување или доиздржување на затворски казни, но и за истражни дејства на барање на обвинителствата.
Министерот Спасовски се осврна и на неколкуте оперативни планови на подрачјето на СВР Скопје со цел одржување на поволен јавен ред и мир и стабилна безбедносна состојба, меѓу кои „Безбедно лето“, „Безбеден град“, како и акциски контроли по разни основи. За илустрација, само во рамки на планот „Безбедно лето“ 894 кривични дела се комплетно расчистени со поднесени кривични пријави против 824 сторители.
