Израел

Заврши примирјето во Газа, продолжуваат борбите

01.12.2023 12:19

По истекот на примирјето, продолжија борбите меѓу Израел и Хамас. Во седумдневниот прекин на огнот, со две продолженија, размена на десетици заложници од Газа за стотици палестински затвореници. Од изутрина се огласуваат сирени за опасност на двете страни.

Продолжени борбите по седумдневниот прекин на огнот во Појасот Газа. Од изутрина се огласуваат сирени за опасност на двете страни. Хамас го прекрши примирјето испукувајќи ракети кон Израел – тврди Тел Авив. Населението од Кан Јунис со летоци информирано да се евакуира кон југ.

„Ова примирје е залажување. Потребно е трајно решение, инаку сето тоа е празен разговор. Какво примирје е кога луѓето од северот не може да си одат дома?“ изјави Камал Мансур – локален жител.

За да се заштитат палестинските цивили, Израел објави мапа од појасот поделен на стотици зони што ќе им помогне да ги избегнат активните борбени области.

Претходно израелската одбрана соопшти дека инсистира на ослободување на сите жени и деца, но исто така, и дека е подготвена да ја продолжи војната.

„Во текот на ноќта инсистиравме на спроведување на сегашниот план за враќање на сите жени и деца. Посредниците, Катар и Египет, исто така се залагаа договорот за примирјето да продолжи. Но, подготвени сме и да нападнеме во секое време“, изјави Даниел Хагари - портпарол на израелската одбрана.

Јеменските Хути ветија дека ќе продолжат со ракетните напади врз Израел и ќе киднапираат израелски бродови во црвеното море, доколку продолжат нападите врз Појасот Газа.

„Нема да се двоумиме да ги прошириме своите воени операции против израелскиот ентитет врз цели на копно или на море“, изјави Јахја Сари - воен портпарол на Хутите.

Во Тел Авив пристигна и главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд Карим Кан. Од судот појаснија дека посетата не е од истражен карактер. И покрај обновените борби, разговорите за примирје продолжуваат.

 

Бојана Крстевски