Тренчевска: Одливот на мозоци може да доведе до значителни празнини во виталните сектори
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денес се обрати на панел дискусијата „Стареењето и миграцијата: двојни демографски предизвици во Северна Македонија“ во рамки на конференцијата организирана од страна на Светска Банка по повод 30 години партнерство меѓу Северна Македонија и Светска Банка.

„Миграцијата има сериозни импликации за растот и продуктивноста. Како што населението се намалува и старее, се јавува недостаток на квалификувана работна сила. Одливот на мозоци може да доведе до значителни празнини во виталните сектори и да ја намали продуктивноста. Стареењето и миграцијата, исто така, го зголемуваат притисокот врз системот за социјална заштита во Северна Македонија и врз потребата од обезбедување на јавни услуги“, рече Тренчевска.
Таа истакна дека Министерството за труд и социјална политика активно работи на спречување на негативните последици од трендовите на миграцијата и дека истите тие предизвици се опфатени во Стратегија за демографија.
Во оваа насока Министерката го објасни Проектот за подобрување на социјалните услуги кој го имплементира Министерството за труд и социјална политика со поддршката на Светска банка.
Таа истакна дека демографијата е доста комплексно прашање и дека за релевантен одговор покрај влогот во центри за стареење и услуги за највозрасните, заедно со Светска Банка министерството вложува и во раниот детски развој.
Министерката посочи дека одговарајќи на реалните потреби кои ги има државата, министерството заедно со Светска Банка ќе имплементира втор проект за унапредување на социјалните услуги со кој како што изјави Тренчевска се очекува да се постигнат уште поголеми успеси.