Обама ја почна европската турнеја

03.06.2014 13:22

Американскиот претседател Барак Обама ја почна 4-дневната европска турнеја во обид да ги убеди европските лидери да го продолжат притисокот врз Русија поради заканите кон Украина. На одбележувањето на 7-те децении од истоварувањето на сојузничките сили во Нормандија, ќе има можност да се сретне и со рускиот претседател Путин...

Полска е првата дестинација на Обама. Во Варшава, тој ќе се сретне со новоизбраниот претседател на Украина, Петро Порошенко и ќе учествува на 25-годишнината од првите слободни избори на посткомунистичка Полска. Агендата во Белгија вклучува разговори со лидерите на земјите од Г7 за начините со коишто Европа би станала независна од руските енергетски извори, како и за можните идни санкции за Москва.
 
Во Франција, американскиот претседател ќе учествува на одбележување на 70- годишнината од „Денот Д“, односно од истоварувањето на сојузничките сили во Нормандија, каде што се претпоставува средба со рускиот претсдетел Путин.
 
Инаку, Европа и сојузниците се во екот на подготовките за големиот настан. На 6-ти јуни 1944 почнала една од завршните операции од Втората светска војна, офанзивата на сојузниците против нацистичка Германија и постепено ослободување на окупираната Европа. Ветераните денес си споменуваат на масовната операција, но и за намерата на Хитлер да ја окупира Британија.
 
„Слушавме гласини дека ќе се случи нешто големо, како на пример дека Германците ќе извршат инвазија врз Англија. Сите бевме вознемирени од тие приказни“, вели Френк Мејс.
 
Истоварувањето на сојузничката војска почнало во 6 часот и 30 минути наутро кога 5.000 бродови и 10.000 авиони тргнале во напад. Прва на брегот била американската армија која требала да направи мостобран во Нормандија. Еден час подоцна почнал нападот на британските војници.
 
„Теренот беше рамен, стоевме на песокот на плажата. Забележав еден човек што почна да трча по плажата и веднаш го застрелаа“, се сеќава Боб Слотер.
 
И покрај значителните загуби, Американците успеале да се прошират на фронтот, со илјадници жртви кои останаа на плажите на Нормандија.
 
Со одбележувањето на „најдолгиот ден“ се зацврстува евро-американското пријателство со Москва, оценуваат аналитичарите.