Пендаровски: Целта е до 2030-та година да ги намалиме емисиите на стакленички гасови за 82 проценти
Претседателот Пендаровски на Конференцијата на Обединетите нации за климатски промени – СОР28 во Дубаи. Предвидено да оствари и повеќе билатерални средби...

Македонија е мала земја сместена во еден од најранливите климатски региони во светот, но со големи климатски амбиции – посочи шефот на државата Стево Пендаровски во обраќањето на Самитот на Обединетите нации за климатски промени во Дубаи.
Целта е до 2030-та година да ги намалиме емисиите на стакленички гасови за 82 проценти. Иако според Пендаровски тоа нема да биде лесна задача, бидејќи електраните на јаглен се главен извор за производство на електрична енергија во земјата, а истовремено се и најголеми загадувачи кои влијаат на климата и на здравјето. Македонија е првата европска земја избрана за програмата за забрзана транзиција на јаглен кон обновливи извори на енергија од Фондот за климатски инвестиции.
„Заедно со ЕБОР ќе ја лансираме инвестициската платформа за правична енергетска транзиција, која ќе ни помогне да ги мобилизираме потребните средства за да се префрлиме на обновливи извори, да ги забрзаме инвестициите во мрежата и да создадеме висококвалитетни зелени работни места за рударските заедници. Оттука, сакаме да ги поканиме потенцијалните партнери и донатори да ни се приклучат на оваа платформа и да докажеме дека правичната енергетска транзиција не само што е неопходна туку е можна и достапна“, изјави претседателот Пендаровски.
На овој начин Македонија ќе ги усогласи глобалните заложби за обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност на Европската унија – вели претседателот во обраќањето. Грижејќи се за планетата и луѓето, за екосистемите и економијата, ќе ја намалиме енергетската несигурност.
Андријана Ѓурческа
