ОН го осудија „катастрофалното“ продолжување на воените операции во Газа
Заврши примирјето во Газа, продолжуваат борбите. Израел тврди-Хамас не ги испочитува условите од договореното и не достави список со заложници. Главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд Карим Кан во Тел Авив. Од судот појаснуваат, посетата не е од истражен карактер...

Продолжија борбите во Појасот Газа по седумдневниот прекин на огнот. Сирени за опасност на двете страни. Хамас и Израел со меѓусебни обвинувања. Тел Авив тврди-терористите го прекршиле примирјето.
„Паузата можеше да биде продолжена. Владата на Израел веќе одобри доволен список на палестински затвореници за да продолжи размената најмалку уште два дена. За жал, Хамас реши да ја прекине паузата со тоа што не ги ослободи сите киднапирани жени и деца како што беше договорено, и со продолжување на ракетниот оган“, изјави Ејлон Леви, портпарол на израелската влада.
Милитантите, пак, прстот го вперија во Израел, велат дека тој е виновен за прекинот затоа што добиле зелено светло од САД.
„Вчера беше јасно дека Израел сака да се врати на борбите. Неколку идеи беа изнесени од посредниците, ние прифативме три од нив, но Израел секој пат велеше „не, не, не“. Блинкен по средбата со Нетанјаху даде зелено светло за продолжување на воените операции“, изјави Осама Хамдан, висок портпарол на Хамас.
За да се заштитат палестинските цивили, Израел објави мапа од Појасот поделен на стотици зони што ќе им помогне да ги избегнат активните борбени области. Населението од Кан Јунис со летоци информирано да се евакуира кон југ.
„Обновувањето на непријателствата во Газа е катастрофално. Ги повикувам сите страни и држави кои имаат влијание врз нив веднаш да ги удвојат напорите за обезбедување прекин на огнот – врз основа на хуманитарни и човекови права“, изјави Равина Шамдасани, портпарол на ОН за човекови права.
И покрај обновените борби, разговорите за примирје продолжуваат. Во Тел Авив пристигна и главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд Карим Кан, но посетата не е од истражен карактер. Во истовреме, израелската полиција соопшти дека почнала да истражува случаи на силување по нападот на Хамас на 7-ми октомври.
Бојана Крстевски
