Карпентер: ОБСЕ не тоне, Русија е дипломатски изолирана
Никој не сака да седи на иста маса со Лавров и да ги слуша неговите лаги, дезинформации и пропаганди, коментираше американскиот амбасадор во ОБСЕ, Карпентер. Смета дека организацијата е функционална и не тоне, иако ќе се соочи со нови блокади од Русија, но следниот претседавач Малта ќе треба да најде креативни решенија заобиколувајќи ги пречките...

Никој не сака да седи на иста маса со Лавров и да ги слуша неговите лаги, дезинформации и пропаганди, коментираше американскиот амбасадор во ОБСЕ, Карпентер одговарајќи на обвинувањата од шефот на руската дипломатија дека Блинкен и министрите од балтичките земји и Полска се кукавици оти не сакале да се соочат со него.
„Русија е во многу непријатна позиција во ОБСЕ, затоа што е дипломатски изолирана. Сите држави во ОБСЕ се противат на руската агресија. Но, ќе продолжиме да ја користиме организацијата за целта за која е основана и гледаме на функционалноста на ОБСЕ како на наша победа“, изјави Мајкл Карпентер, амбасадор на САД во ОБСЕ.
Американскиот амбасадор во ОБСЕ смета дека организацијата е функционална и не тоне, иако ќе се соочи со нови блокади од Русија, но следниот претседавач Малта ќе треба да најде креативни решенија заобиколувајќи ги пречките.
„ОБСЕ не тоне. Имаме претседател за идната година, во наредните девет месеци продолжува мандатот на функционерите во организацијата. Наредната година ќе ја искористиме за целта за која е формирана, промоција на демократијата, човековите права и основните меѓународни норми, како суверенитетот и територијалниот интегритет“, нагласи Карпентер.
ОБСЕ е изградена врз основа на консензус и не е решение да се исклучат Русија и Белорусија од членство, туку организацијата да најде начин и во овој тежок период да ги надминеме проблемите за постигнување резултати, порача американскиот амбасадор Карпентер.
Ирина Гелевска
