Здравство

Бројот на инфицирани расте, нема доволно пари за превенција и лекување на пациенти со ХИВ

01.12.2023 15:48

Граѓанските организации алармираат – ако продолжат да се кратат средствата за програмата за превенција и терапија на ХИВ, ќе продолжи трендот на смртни случаи. Велат, средствата беа 95 милиони во 2018-та година кога имавме 230 пациенти на терапија, а се предвидува да изнесуваат 90 милиони во 2024-та кога очекуваме да имаме најмалку 430 пациенти. Се одбележува светскиот ден на сидата …

Државата не дава доволно пари за превенција и лекување пациенти со ХИВ. Бројот на инфицирани расте, реагираат невладините кои даваат поддршка на оваа категорија граѓани. Велат, освен државата и здравствените работници не сакаат да се грижат за нив и кога имале болка, одбивале да им помогнат поради нивниот ХИВ-статус.

Парите за Програмата за превенција и терапија од година на година се кратат. Пред шест години за оваа намена биле издвоени 95 милиони денари, за наредната година предвидени се 90 милиони денари, иако бројот на пациентите е зголемен за 85%.

Во спротивно, ќе продолжи трендот на смртни случаи, трошоците за антиретровирусна терапија континуирано ќе растат, а епидемијата нема да биде ставена под контрола и ќе претставува постојан ризик за прелевање, како што за првпат се случува и годинава, предупредуваат од Платформата за ХИВ.

Во државава живеат околу 500 лица со ХИВ, секое трето лице кое живее со ХИВ не го знае својот статус.

Наташа Јанчиќ-Менковски