Претпоследна седница за пратенички прашања годинава, антикризните мерки во фокус
Седница за пратенички прашања во Собранието, претпоследна за оваа година. Во фокусот – евтината дневна тарифа на струја, антикризните мерки, набавката на новата опрема за следење на комуникациите …

Пратениците на претпоследната седница за годината ги прашуваа премиерот и министрите за актуелни теми од економската, социјалната и безбедносната сфера. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев го праша министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за, според него, нелегално набавената опрема за следење на интернетот и мобилната телефонија. Министерот Спасовски го негираше ова, само повтори дека тоа се класифицирани информации и дека МВР нема ништо со оваа набавка.
Пратеничката од СДСМ, Лидија Тасевска го праша премиерот за мерките кои државата ги презема за најранливите категории на населението во услови на, како што рече, енергетска и економската криза.
Ковачевски ги образложи антикризните мерки за финансиска поддршка, кои според него, опфаќаат над четиристотини илјади граѓани, пензионери, социјални случаи, студенти и средношколци.
Седницата се одржува в петок, наместо вообичаениот термин во последниот четврток во месецот, поради самитот на ОБСЕ. Пратениците повторно се вратија во пленарната сала Македонија, откако беше оспособена опремата по инцидентот со пратеникот Крмов.
Игор Панов
