Министерски совет во Скопје

Османи: ОБСЕ е спасена

01.12.2023 18:09

Османи му се заблагодари на Иан Борг, министерот за надворешни работи на Малта за нејзината согласност да го преземе товарот и одговорноста на Претседавач со Организацијата во 2024 година.

ОБСЕ е спасена- со овие зборови претседавачот и министер за надворешни работи, Бујар Османи ја започна прес-конференцијата со која се затвора Министерскиот совет во Скопје, а на која соопшти дека се избрани клучните позиции за Организацијата да може да продолжи да функционира.

„Сите земји-учеснички едногласно ја усвоија одлуката Малта да биде новиот Претседавач со ОБСЕ во 2024. Успеа и планот кој го предложи Северна Македонија како Претседавач со Организацијата. Успеавме да го продолжиме мандатот на сите челници на институциите на ОБСЕ. Продолжен е мандатот на генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Шмид, на Високиот комесар за национални малцинства, Каират Абдракхманов, на претставничката за слобода на медиуми на ОБСЕ, Тереза Рибеиро и на Матео Мекачи на чело на ОДИХР“, рече Османи.

Османи му се заблагодари на Иан Борг, министерот за надворешни работи на Малта за нејзината согласност да го преземе товарот и одговорноста на Претседавач со Организацијата во 2024 година.

Истакна дека ова е историски најголемиот политички настан кој е одржан во државата, особено имајќи ја предвид руската воена агресија врз Украина и бруталното кршење на принципите и заложбите на ОБСЕ од страна на Руската Федерација, но поради успехот постигнат токму тука во Скопје.

„Одржувањето на Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје во најтурбулентните времиња и предизвици на отворена војна и човечко страдање е историски и револуционерен потег“, потенцираше Османи.

Османи го нагласи значењето што мнозинство на земји-учеснички решително и недвосмислено се собраа во Скопје за да го зајакнат непроценливото значење за зачувување на принципите и заложбите на ОБСЕ и што уште еднаш, пред светот, ја осудија руската воена агресија врз Украина.