На девет дена пред почетокот на Светското Првенство

Блатер во специјална посета на бразилската претседателка Русеф

03.06.2014 13:28

На турнејата од септември минатата година, највредното признание во светскиот фудбал посети 88 држави и мина низ сите 12 градови-домаќини во Бразил...

Двајцата челници на ФИФА, претседателот Сеп Блатер и генералниот секретар Жером Валке на специјална церемонија во Бразилија и го предадоа победничкиот пехар на бразилската претседателка Дилма Русеф. На турнејата од септември минатата година, највредното признание во светскиот фудбал посети 88 држави и мина низ сите 12 градови-домаќини во Бразил.

„ФИФА и јас посакуваме ова да биде најголемиот мундијал во историјата. Бразил е голема сила во светскиот фудбал, но и економски моќник. Сигурни сме дека турнирот ќе му овозможи уште повеќе да му се покаже на светот. Цел месец луѓето низ планетата ќе го гледаат Бразил на телевизија. Ова ќе биде врвна промоција за вашата земја“, срдечно и се обрати Блатер на претседателката Русеф, иако во минатиот период ФИФА повеќепати ја критикуваше бразилската влада поради доцнењето со подготовките.

„Подготвени сме да му прикажеме на светот прекрасна забава, полна со карактеристична  радост, со почитување и со љубезност од целиот бразилски народ. Подготвени сме, готови се и стадионите. Стоејќи пред пехарот, уште сега го замислуваме моментот кога светскиот шампион ќе го крене на Маракана, храмот на нашиот фудбал. За нас Бразилците, невозможно е да не очекуваме дека тоа ќе биде бразилската репрезентација“, рече претседателката Русеф и посочи дека мнозинството од населението силно ќе ги поддржува „кариоките“, намалувајќи го со тоа значењето на бранот протести низ земјата против организацијата на шампионатот.