Политика

Ковачевски: Градиме модерна држава, Северна Македонија е веќе фактор на стабилност

01.12.2023 19:18

Осврнувајќи се на регионалниот состанок на лидери на НАТО сојузници, како и на средбите со високи претставници на САД и ЕУ, премиерот Ковачевски потенцира дека поддршката е огромна.

„Успеавме да ја изградиме Северна Македонија во фактор на стабилноста и безбедноста во регионот. Владата која ја предводам ја избра опцијата на интеграција, а не изолација. Одбравме да бидеме дел од безмалку една милијарда луѓе, кои живеат со заеднички демократски вредности и се грижат за светскиот мир како дел од воено-политички сојуз кој на светската сцена е супериорна, силна и економски доминантна организација. Ја зацврстивме нашата безбедност, сигурност и сега е време Северна Македонија со забрзани чекори да го изоди и патот на евроинтеграциите, патот на зацврстување на нашите евроатлантски позиции и исполнување на нашите долгогодишни стратешки цели“, истакна претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачески, на денешната собраниска седница за пратенички прашања.

Осврнувајќи се на регионалниот состанок на лидери на НАТО сојузници, како и на средбите со високи претставници на САД и ЕУ, премиерот Ковачевски потенцира дека поддршката е огромна.

Годините на изолација се зад нас, смета премиерот Ковачевски и оцени дека оваа Влада гради имиџ на модерна држава, која пред себе има една цел, а тоа е членството во ЕУ.

 „Ние сме Влада за која меѓународната заедница смета дека ја зацврсти демократијата, го зацврсти владеењето на правото, постигна напредок во клучните реформи, ги ослободи медиумите од каков било политички притисок и влијание и всушност гради либерална економија која доликува на земја која треба да биде дел од големото европско семејство“, рече премиерот Ковачевски, посочувајќи и на скрининг процесот.

Премиерот Ковачевски нагласи дека Владата не дозволила внатреполитичките спорови да ги стават на страна реформите потребни кон приближување на стандардите на ЕУ или на кој било начин да го попречат процесот на скринингот.

Членството во ЕУ е нашата цел и ние немаме друга алтернатива. Дали ќе бидеме таму набрзо, зависи само од нас, односно од сите политички партии, од сите политички актери во оваа земја, кои имаат одговорност пред народот да испорачаат резултати на патот кон ЕУ. Веќе нема простор за изговори и веќе нема простор за лажење. Бидејќи веќе се издефиницира кој е за европска интеграција, а кој е за изолација, предочи премиерот Ковачевски на денешната собраниска седница.