ујп

УЈП го одбележа Денот на даночните работници „Св. Матеј“

02.12.2023 11:27

Настанот го отвори и пред присутните се обрати директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, која во пресрет на 30 годишниот јубилеј идната година испрати силна порака дека УЈП не е само институција која се грижи за приходната страна во Буџетот, туку е и основата на сите општествени процеси, двигател на економските текови, партнер на даночните обврзници...

Управата за јавни приходи по 26 пат го одбележа Денот на даночните работници „Св. Матеј“, и 76 години од воспоставување на даночен систем. Настанот го отвори и пред присутните се обрати директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, која во пресрет на 30 годишниот јубилеј идната година испрати силна порака дека УЈП не е само институција која се грижи за приходната страна во Буџетот, туку е и основата на сите општествени процеси, двигател на економските текови, партнер на даночните обврзници. Лукаревска рече дека даночните работници и УЈП се присутни во сите можни евиденциски процеси, и се клучот за размена на податоци со, институциите, координирајќи ги важните процеси во даночната сфера, борбата против корупцијата и во реформската агенда.

Таа говореше и за соработката со Светска Банка, ММФ и US Treasury како и за работните процеси кои се случуваат во Управата за јавни приходи.

„Соработката со Светска Банка ќе се круниса со нов Интегриран Даночен Информационен Систем, што ќе ја зголеми ефикасноста, ефективноста и ажурноста на сите услуги, процеси, тековни активности, од една страна, а од друга страна тоа ќе има свој ефект и во процесот на наплатата и во сузбивање на даночното затајување. Врз основа на тој процес, формирани се работно тело и два комитети за усогласеност и реформи. Неизбежно е да ја споменеме и Е – фактурата, чија реализација несомнено ќе нè позиционира во трката за развој и модернизација со даночните управи од регионот и пошироко. Со овој проект, голема помош ќе имаат сите и бизнис заедницата, државните институции и граѓаните“, рече Лукаревска.

Директорката на УЈП во своето обраќање истакна дека сметководителите се едни од најголемите корективи на институцијата.

Министерот за финансии, Фатмир Бесими, во своето обраќање рече дека УЈП ја има поддршката на Министерството за финансии во процесот на имплементација на модерни, дигитализирани услуги.

Премиерот Димитар Ковачевски, упати честитки за посветеноста во работењето на вработените во УЈП, а во своето обраќање го потенцираше партнерскиот однос кој Управата за јавни приходи го гради низ годините со даночните обврзници, институциите и меѓународните организации.

При тоа, премиерот Ковачевски потенцира дека показател за успешната работа на УЈП како една од најзначајните институции се и последните бројки за наплата на даноците.

Во рамки на настанот а по повод Денот на даночните работници „Св. Матеј“, беа доделени и Плакети за успешната соработка на Управата за јавни приходи со меѓународни и домашни институции а беа врачени и Пофалници за вработените.

На настанот присуствуваа претставници на дипломатскиот кор и на Владата, на меѓународни организации со кој соработува УЈП, директори на повеќе институции, градоначалници, медиумски работници и други значајни личности од општествениот живот.