Просветарите од Куманово бараат стара концепција, а нови учебници
Кумановските просветни работници бараат повлекување на концепцијата за основно образование, но и итно печатење на учебници. Тие укажуваат дека учениците се образуваат од учебници со искинати страни. Дел од нив фотокопираат и позајмуваат книги. Барањата ги испратиле, меѓутоа одговор од надлежните, сè уште не добиле …

Повлекување на новата концепција за основно образование, како и итно печатење на учебници, бараат кумановските просветни работници. Од Здружението на просветни работници Куманово реагираат на условите во кои се реализира наставниот процес, опременоста на училиштата, но особено на учебниците кои се дотраени, со искинати страни, без корици. Велат учениците се приморани да фотокопираат и позајмуваат книги. Заклучоците и барањето се веќе доставени до институциите.
„Според Законот за учебници, член 2 Учебник, во смисла на овој закон, е основно наставно средство и извор на знаење за остварување на воспитно-образовните цели утврдени со наставниот план и програми на основното и средното образование. Според овој член секое дете има правно на учебник. Состојбата не е таква, недостасуваат учебници од почетокот на учебната година. Сметаме дека МОН треба да обрне внимание“, изјави претседателката на Здружението на просветни работници, Анита Димовска.
Тие укажуваат дека не треба да се избрзува со проформа реформа, врз база на искуствата од други држави каде состојбата со образованието е сосема различна.
Според кумановското здружение, новата концепција е избрзана не е донесена врз база на темелна анализа, врз состојбите во кои се спроведува наставата.
Кумановското здружение на просветни работници укажува дека треба да продолжи да се работи по старата концепција. Одговор од надлежните институции сè уште не добиле.
Елена Георгиевска
