мвр

Спасовски: Неопходно е Република Северна Македонија континуирано да гради отпорност, капацитети и способности за одговор на хибридните закани

02.12.2023 14:24

Истакнувајќи дека во моментов безбедносната состојба е стабилна и како Министерство за внатрешни работи будно се следат сите случувања, Спасовски рече дека примерите за безбедносните ризици по нашата држава, по регионот на Западен Балкан и целото европско копно се неброени и меѓусебно поврзани...

Денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски се обрати на регионалната конференција „Европска безбедност: Како да се искористи новиот моментум за проширување на ЕУ на Западен Балкан?“, во рамки на сесијата „Моментална геополитичка состојба-импликации за Западниот Балкан“.

Истакнувајќи дека во моментов безбедносната состојба е стабилна и како Министерство за внатрешни работи будно се следат сите случувања, Спасовски рече дека примерите за безбедносните ризици по нашата држава, по регионот на Западен Балкан и целото европско копно се неброени и меѓусебно поврзани.

Осврнувајќи се на заканите од ваков вид, Спасовски истакна дека Република Северна Македонија беше соочена пред членството во НАТО, за време на Корона вирусот, со руската агресија врз Украина, како и процесите за членството во ЕУ. Тој додаде и дека НАТО постојано се координира со сојузниците, се споделуваат информации и јавно се побиваат лажните тврдења, со разоткривањето на главните наративи за дезинформации за НАТО и со вклучување на медиумите.

Спасовски истакна дека високо на агендата е и борбата против организиран криминал и корупција, јакнење на капацитетите за водење финансиски истраги.

Во однос на борбата против тероризмот и насилниот екстремизам, Спасовски рече:

„Со јакнењето на координативните структури за борба против тероризмот и насилниот екстремизам, преку назначувањето на Национален координатор за борба против тероризам и спречување на насилен екстремизам, неговите двајца заменици и формирањето на Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам обезбедивме структура која обезбедува поддршка и континуирано ја следи и анализира состојбата со насилниот екстремизам, радикализацијата и борбата против тероризмот“, истакна Спасовски, додавајќи дека беше даден приоритет, меѓу другото и на продлабочување на регионалната и меѓународната соработка.

На крајот Спасовски истакна дека како земја партнер на ЕУ и кандидат за членство во ЕУ, ја споделуваме одговорноста и ангажманот на ЕУ од аспект на управувањето со миграциските текови и сузбивањето на незаконска миграција и прекуграничниот криминал.