Влада

Ковачевски: Активно придонесуваме во колективниот систем за одбрана на НАТО

02.12.2023 14:34

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска, заедно со заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи и министерката за одбрана, Славјанка Петровска, беше во посета на фабриката за производство на малокалибарска муниција „АТС АММО“ во Самоков..

Премиерот Ковачевски посочи дека „АТС АММО“ е единствената македонска фабрика во земјава за производство на малокалибарска муниција „АТС АММО“, која во минатото беше позната како „Сувенир“ од Самоков.

„Цели 42 години оваа фабрика опстојува на овие простори со долгогодишна традиција и искуство во производството на сите видови на малокалибарска муниција и успеа со својот квалитет да се пробие во светски рамки. „АТС АММО“ е дел од АТС групацијата која е присутна во 56 земји во светот“, рече премиерот Ковачевски, додавајќи дека фабриката работи според НАТО стандарди.

Наменската индустрија, како што посочи премиерот Ковачевски, е само една од областите каде сериозно се вложува преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите.

Вицепремиерот Битиќи ги повика домашните компании да го следат примерот на „АММО“, да се охрабрат, да ги приспособат и реструктурираат своите производствени процеси, односно своите производи да ги усогласат со највисоките стандарди на Алијансата, што е услов за учество во тендерските постапки.

Министерката Петровска по обиколката на капацитетите на „АТС АММО“ порача дека е сериозна компанија со голем квалитет што е многу важно во време кога се соочуваме со сериозни предизвици за да се задоволат потребите на воената индустрија. Петровска информираше дека оваа компанија веќе е регистрирана за учество на НАТО пазарот и додаде дека интересот на компаниите за комплетирање ма овој процес се зголемува.

Министерката додаде дека Министерството за одбрана и Армијата имаат исклучително позитивна соработка користејќи ги производите кои оваа компанија ги произведува, а ќе соработуваат и во развојот и почетокот за производство на првиот македонски дрон.