Скопје

Приведени пет лица поврзани со случајот на исчезнувањето на 14-годишната Вања

02.12.2023 16:15

Пет лица се приведени, едно возило е обезбедено во истрагата за исчезнатата Вања Ѓорчевска. Министерот Спасовски вели дека има напредок, но колку полицијата е блиску до пронаоѓање на девојчето ќе може да се оцени по информациите што ќе ги добијат. Шести ден се трага по малолетното девојче кое на 27-ми ноември утрото излегла од дома и се упатила кон училиштето...

Пет лица се приведени доцна синоќа поврзани со случајот на исчезнувањето на 14-годишната Вања Ѓорчевска. Обезбедено е и едно возило. Има напредок во истрагата, изјави министерот Спасовски. Уверува дека изминатиот период се презеле низа криминалистички истражни мерки. Сите податоци кои ги утврдуваат ќе ги соопштат во даден момент, бидејќи според министерот за внатрешни, за истрагата е многу релевантно кога и како ќе соопштат во јавноста.

Претресите треба да се повторуваат, смета поранешниот началник во Министерството за внатрешни работи, Ѓурчевски. Според него, тоа дава најдобри резултати.

По пријавување на лице за исчезнато полицијата чека 24 часа за распишување интерна потрага. Според Ѓурчевски, потребно е да се извршат измени на Правилникот за вршење на работите од областа на јавната безбедност и времето од 24 часа, како што е сега, да се скрати на 6 часа па дури и помалку.

74 лица се пријавени за исчезнати последниве 3 години во земјава. 65 се пронајдени. А активна е потрагата по 6 малолетни деца до 14 години.

 

Ана Јосифоска Тодоровска