Граѓаните се задушуваат во загаден воздух
Алармантна ситуацијата со загадениот воздух во неколку градови во државава. Апел од граѓаните и екологистите да се преземат итни мерки. Министерството за екологија објави дека стапуваат во сила препораките и мерките за надминат праг на суспендирани честички во Струмица, за ослободување на бремените и лицата над 60 години од работа, забрана на отворено за одржување спортски активности и ограничување на градежни работи на објекти...

Нова зима, стари проблеми. Граѓаните веќе почнаа да се задушуваат во загадениот воздух. Алармантно во Струмица. И мерните станици во метрополата покажуваат високи концентрации на штетни честички. Апел до институциите за мерки. Искуствата покажуваат допрва ќе има рекордни негативни параметри за квалитетот на воздухот.
Над 100 државни институции сè уште користат мазут, нафта, а некаде и јаглен, покажуваат истражувањата на невладините.
Размислуваме за здравјето, а се привикнуваме на секојдневието. Во зависност од степенот на изложување, како и видот на загадувачот, последиците се различни. Од кашлање, иритација на дишните патишта, астма, хронични заболувања на белите дробови, проблеми со кожата, како и некои видови рак-велат лекарите. А според Светската здравствена организација, загадувањето на воздухот е најголемиот убиец. Нивните анализи покажуваат дека во Европа околу 400.000 граѓани годишно прерано го губат својот живот, а бројката кај нас се доближува до 2.000 смртни случаи како последица на аерозагадувањето.
Сузана Трајковска
