Пофалници за пожарникарите кои помагаа во поплавените подрачја во регионот
Нашата противпожарна единица е подготвена да дава помош, не само во Скопје и македонија, туку и надвор од границите, потенцира градоначалникот на град Скопје, Коце Трајановски. Пофалница од градот за противпожарната единица, за помошта што ја дадоа во Србија, и во Босна и Херцеговина...

Глетката не беше убава. Влегуваш во празен град, каде што ништо не работи, нема струја, затворени продавници, аптеки. Работеа само полициската станица и противпожарната единица. Вака сведочат пожарникарите кои се вратија од поплавените места во Србија и Босна. Велат дека сите работни задачи што им биле дадени ги извршиле професионално, а најважно им било да се вратат дома здрави и живи.
„Тоа е катастрофа, катаклизма, град во кој ништо не функционира, доволно беше едно шише вода да им дадеш на луѓето што останаа тука...голема штета, голема катастрофа“, вели Сафет Расвер - командир на чета на противпожарната единица на Град Скопје.
„Третиот ден го поминавме во општината Земун, каде што имаше пукнато насип, таму се вклучивме во црпење на вода, 24 саати бевме активни на едно место каде ја покажавме нашата професионалност“, изјави Ѕвонко Томески, командир на чета на противпожарната единица на Град Скопје.
Од градот Скопје покрај сите преземени хуманитарни активности за помош, испратени се и по еден милион денари за поплавените.
„Сметам дека ние како Град Скопје, во рамките на нашите можности се трудевме максимално колку што можеме да помогнеме“, изјави градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.
Од телефонските јавувања се собрани околу 12 и пол милиони денари. На жиро-сметката на црвениот крст има 8 милиони денари, а испратени се 40 камиони за Србија и Босна со 1.000 тони помош.
Ана Јосифоска- Тодоровска
