Париз: Еден мртов и двајца повредени по напад со нож и чекан, напаѓачот уапсен
Едно лице загина и двајца се повредени, откако маж со нож и чекан ги нападнал во центарот на Париз, во близина на Ајфеловата кула. Француските власти соопштија дека станува збор за терористички акт и дека напаѓачот е фатен...

Нападот се случи во западниот дел на Париз, недалеку од Ајфеловата кула, на границата меѓу 15-от и 16-от арондисман. Едно лице на возраст од 26 години, нападна минувачи, убивајќи еден германски турист со нож и повредувајќи двајца други со чекан, пред да биде уапсен од полицијата, со употреба на тејзер, оружје со електричен набој.
Министерот за внатрешни работи Жерар Дарманан веднаш се појави на лице место и пред медиумите изјави дека напаѓачот им бил познат на безбедносните служби.
„Знаеме за напаѓачот дека е Французин, роден во Франција во 1997 година во Неји на Сена. Тој им е познат на безбедносните служби и на правдата. Во моментов кога ви зборувам имам информација дека бил осуден на четири години казна затвор во 2016. Тој ја издржа казната. Ова бидејќи сакаше да премине во насилна акција, што не го направи, бидејќи беше уапсен. Тој е следен од безбедносните служби како радикализиарно лице, кое има и големи психијатриски проблеми за што бил лекуван“, изјави министерот за внатрешни работи Жерар Дарманан.
Според првите елементи на истрагата, станува збор за Арманд Рајабпур-Мијандоаб, чии родители се Иранци. Тој извикувал „Алах акбар“ додека го извршувал делото. Уапсениот на полицијата и рекол дека „не може повеќе да ги гледа муслиманите како умираат, и во Авганистан и во Палестина“, и дека Франција ја смета за „соучесничка во она што Израел го прави“ во Газа, објави министерот за внатрешни работи во својата изјава за медиумите во саботата навечер. Напаѓачот пред инцидентот снимил видео, кое го користат антитерористичките истражители, видео во кое ја презема одговорноста за нападот.
Националното обвинителство за антитероризам го презеде случајот и отвори истрага за „атентат“ и „обид за атентат во врска со терористички потфат“, како и за „злосторничко терористичко здружување“. Нападот се случи и покрај зголемените безбедносни мерки во контекст на војната во Газа, која има силен одек и прелевање во Франција. И само еден месец по терористичкиот напад во средното училиште во Арас и доаѓа непосредно пред божиќните и новогодишните празници и во контекст на усвојувањето на новиот построг закон за имиграција кој ги поларизира политичките партии, но и Французите.
Тони Гламчевски
