политика

Пред лидерската средба секој со свои очекувања

03.12.2023 13:14

Утре лидерска средба во Собранието. Пред претседателите на парламентарните партии датумот за избори, Изборниот законик и евроинтеграциите. Со различни ставови за техничка влада на средбата влегуваат власта и опозицијата. Шефицата на словенечката дипломатија Фајон во интервју за МИА ги повика политичките актери да вложат напор за уставните измени …

Пред средбата на лидерите на парламентарните партии, секој со свои очекувања. На маса терминот за изборите на пролет, измените на Изборниот законик според препораките на ОБСЕ-ОДИХР и европската иднина на државата. Термините за избори ќе се бараат меѓу крајот на април и почетокот на мај. Доколку се постигне договор за заеднички избори, тие би се одржале на 8-ми мај. Покрај овие теми, од ВМРО-ДПМНЕ најавија дека ќе го покренат и прашањето за техничката влада, односно за нејзино укинување. Токму „пржинската влада“ е камен на сопнување меѓу власта и опозицијата. Од СДСМ очекуваат дека нема да има уценување од една кон друга политичка партија.

Тоа што Ковачевски не се откажува од техничката влада значи дека ДУИ му забрани да ја напушти идејата да има премиер од, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, криминализираната ДУИ. Тоа е потврда дека всушност и со оваа Влада управува ДУИ, потенцираат од опозициската партија. Иако со крајот на годината завршува и рокот кој Европската унија и го даде на Македонија за промена на Уставот, за оваа тема опозицијата веќе воопшто не сака да зборува.

Премиерот Ковачевски, пак, е оптимист дека земјава до 2030-та ќе биде полноправна членка на Унијата. Сите одговорни партии да ги направат потребните чекори за да продолжи евроинтегративниот процес на Македонија, изјави за МИА словенечката шефица на дипломатијата Фајон. Вели дека не сака да зборува за одвојување на Македонија и Албанија.

Комбинаторики и за тоа кој ќе биде технички премиер. Иако никој јавно не говори, се погласни се шпекулациите дека можеби актуелниот собраниски спикер ќе да раководи со Владата 100 дена пред избори. Во тој случај, претседателското столче во Собранието би му припаднало на СДСМ.

 

Милчо Велески