Евроинтеграциите- најдобра перспектива за земјите од Западен Балкан

03.06.2014 15:04

Во Европската унија не тече мед и млеко, но во моментов евроинтеграциите се најдобрата перспектива за земјите од регионов. Ова беше порачано на тркалезната маса која се одржа на Универзитетот на југоисточна Европа во Тетово насловена „Европските перспективи на Западен Балкан по изборите на Европскиот Парламент“...

Заеднички именител на земјите од западен Балкан се евроатланските интеграции, смета вицепремиерот за европски прашања Фатмир Бесими.

Евроскептицизмот кој засилено се јавува во овој период на избори во Европскиот парламент, според него е рефлексија на економската и безбедносната криза во Унијата. Но и покрај тоа вели дека проширувањето останува тема.

„Тоа што не очекува е повнимателна Европа во проширувањето и повнимателен преглед визави исполнувањето на критериумите“, изјави Фатмир Бесими,  Вицепремиер за евроинтеграции.

По европските избори Македонија треба да се фокусира на подобрување на односите со Бугарија и склучување на договорот за добрососедство, со што ќе се работи на решавање на прашањето со добрососедските односи, смета аналитичарот Клекоски.

„Така би ја разбиле оската Атина – Софија која би била поголем проблем за нас отколку ако се соочуваме само со Атина“, смета Сашо Клекоски, политчки аналитичар.

Ивица Боцевски, пак, е задоволен што во земјава нема политичко движење, лидери или интелектуелци кои размислуваат за други алтернативи, туку се задржал европскиот курс. Сепак не е оптимист дека годинава нешто ќе се придвижи во нашите интеграции, особено поради позициите на Грција.

„Односот кон сите држави од регионот ќе биде далеку поостар“, најавува Боцевски.

„Ние треба енергијата да ја фокусираме кон НАТО, бидејќи членството во НАТО е многу поедноставно отколку членството во Европската унија“, рече Ризван Сулејмани, универзитетски професор.

На тркалезната маса насловена „Европските перспективи на западен Балкан по изборите во Европскиот парламент“ беше речено дека во Европската унија не тече мед и млеко, но во моментов тоа е најдобрата перспектива за земјава.

Зоран Јованоски