Предлог-буџетот тежок 5,5 милијарди евра утре во собраниска процедура
Во Собранието утре прва расправа за Предлог-буџетот. За проекцијата на државната каса тешка 5, 5 милијарди евра, на Комисијата за финансирање и буџет власта влегува со став дека македонската економија ќе постигне раст од 3,4 насто, ќе има повеќе пари за граѓаните и за капитални инвестиции и за ликвидноста на компаниите. Опозицијата најави амандмански интервенции. Експертите не очекуваат поместувања надвор од проектираното. Бизнисот бара да биде консултиран кога се распределуваат парите …

Буџетот тежок 5,5 милијарди евра влегува во собраниска процедура. Прв филтер матичната Комисија за финансирање и буџет. Власта уверува дека има пари за капитални инвестиции за подобар стандард на граѓаните и ликвидноста на компаниите. Опозицијата со став дека е нереален и предизборно најави амандмански интервенции. Колку и да траат дебатите во комисиите и во Собранието, ниту еден денар нема да се промени, така било отсекогаш, вели поранешниот министер за финансии Хајредини.
Буџетот е одличен на хартија, но искуствата и реализацијата покажуваат дека не се спроведува според проектираното, особено кај капиталните инвестиции кои се мотор на економијата и на активноста на компаниите – вели Бошков, од Бизнис конфедерацијата.
Антикризните мерки се само моментална помош за одредени категории и за пензионерите кои протестираа за повисоки примања. Граѓаните апелираат да има правично покачување и да не биде само пет месеци.
За исплата на пензии со Предлог-буџетот се планирани 83,6 милијарди денари. Повисоки плати за 160 милиони евра, повисоки социјални надоместоци за 60 милиони евра и околу 60 милиони евра за антикризни мерки.
Александра Велинова
