ИЗРАЕЛ-ХАМАС

Израел го бомбардираше југот на Газа

03.12.2023 15:52

Израелските сили продолжуваат со интензивното бомбардирање врз Појасот Газа . Расте притисокот од целиот свет за воздржаност со цел заштита на цивилите. И Европската унија повика Тел Авив да го почитува хуманитарното право. Велика Британија испрати авиони над Газа да му помогне на Израел во потрага по заложниците на Хамас...

Израел и Хамас како да го искористија примирјето повеќе за подготовки за продолжување на војната отколку на размената на заложниците. Израелската армија го бомбардираше Појасот Газа иако светот побара воздржаност за да се заштитат цивилите. Не помогна ниту повикот на САД да се направат зони на деескалација околу болниците и училиштата, на што не се согласува Израел, бидејќи веруваат дека овие објекти Хамас ги користи за криење на нивното оружје. Палестинското Министерство за здравство под контрола на Хамас соопшти дека биле погодени околу 400 цели, а 240 луѓе биле убиени.

„Поголемиот дел од нив беа деца, има повеќе од 15 деца од 2 до 8 и 9 години. Овие невини деца се бомбардирани и тие се пред вас и можете да ги видите. Тие беа бомбардирани додека престојуваа безбедно во своите домови“.

Израелската војска соопшти дека воздушни сили ноќеска погодиле тунели, командни центри и складиштата за муниција на Хамас. Издаде наредба за евакуација на повеќе подрачја околу Кан Јунис, вториот по големина град во Газа. Војниците пронашле повеќе од 800 влезови во тунели од почетокот на копнената офанзива на палестинската територија. 500 од нив се веќе уништени. Тел Авив смета дека ова е уште еден „доказ за циничното користење на цивилното население како жив штит и покритие за терористичките активности“.

„Немаме интерес да повредуваме цивили. Се бориме против терористите во терористички ќелии, на локации од кои дејствува тероризмот и се обидуваме да избегнеме непотребна штета на цивилите“, изјави Јоав Галант, министер за одбрана на Израел.

Високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, изрази „жалење“ за продолжувањето на израелските напади врз Газа. На социјалните мрежи напиша дека обврска на Тел Авив е да ги почитува меѓународното хуманитарно право и законите на војната.

 

Сузана Трајковска