Груевски: Непризнавањето на изборните резултати- алиби на Заев да остане на претседателската функција

03.06.2014 15:10

„Влегоа во две сценарија, најпрвин со валкана кампања, насочена кон мене и со подготовка на граѓаните за непризнавање на изборните резултати, идеја која ја најавија и пред изборите“, вели Груевски во интервју за МИА притоа негирајќи дека некогаш земал милион и пол евра пари за продажбата на Македонска банка...

„Инаетењето на Социјал-демократите со невлегувањето во парламентот штети на државата и евроинтеграциите. Заев смета дека така ќе го сврти вниманието, но, со тоа покажува дека многу го потценува капацитетот на граѓаните“, одговара премиерот Никола Груевски во интервју за државната агенција МИА. Вели дека СДСМ претрпел сериозен изборен пораз.

„Влегоа во две сценарија, најпрвин со валкана кампања, насочена кон мене и со подготовка на граѓаните за непризнавање на изборните резултати, идеја која ја најавија и пред изборите“, вели Груевски притоа негирајќи дека некогаш земал милион и пол евра  пари за продажбата на Македонска банка.

„Со обидот за мое оцрнување се одеше на намалување на разликата во број на гласови, со подготовката на прогласување на изборите за нерегуларни целта беше друга: Заев да има алиби со кое би останал на претседателската функција, истовремено умилкувајќи се на Бранко Црвенковски, јавно признавајки му дека бил во право кога година дена порано го заговараше истото, а Заев бидејки чуствуваше дека тој лично во Струмица ќе победи сериозно му се спротивстави внатре во партијата“, вели Груевски во интервјуто за МИА.

Груевски вели дека оставките кои пратениците ги поднеле дособранието биле вон процедура и закон и тоа СДСМ го знаеле, но, им станало навика да делуваат со интриги. „ВМРО-ДПМНЕ го искуси излегувањето од парламентот во 90-тите и тогашното раководство тврдеше дека е грешка, но, СДСМ го нема искусено на свој грб. Победата на ВМРО во 98-та се должела во голема мерка на неработењето на СДСМ и немањето резултати во економијата. Но, тука се и вбројува и корупцијата во СДСМ, криминалните приватизации, ТАТ и другите штедилници, шверцот во ембаргото против Милошевиќ, бркањето странски инвеститори како Ауди“,  посочува Груевски.

„Тој филм СДСМ во наредните 4 години нема да го гледа. На власт е многу различна гарнитура од онаа бранковата во 90 тите. Така што ако мислат дека со нивното отсуство од Парламентот јас ќе дозволам да се врати тоа време, силно се лажат. Напротив, ќе се соочат со влада која ќе работи со така силно темпо како да изборите се утре и како да во Парламентот имаме многу посилна опозиција од СДСМ“, посочува Груевски.

Груевски во интервјуто за МИА зборува и за слободата на медиумите. Смета дека тоа е надуен балон. „Во недостаток на силна опозиција, слободата на медиуми се користи како алиби за опозициската безидејност. Диктатурата како квалификација е нон сенс“, вели премиерот и прашува - што било тогаш кога владееле СДСМ со црвенковски кои никогаш не зборувале за демократијата. Тоа, според него, е доказ дека се што зборуваат во опозицијата се дневно политички памфлети и измислици.

Премиерот открива дека преговорите за нова влада финишираат и се ќе биде готово во законскиот рок. За МИА ги посочува приоритетите на новата влада.

„Прво, привлекување и стимулирње на нови инвестиции со цел отворање на нови работни места со истовремена реализација на крупните капитални проекти во сферата на патната и железничката инфраструктура како и продолжување со реформите и мерките кои ќе значат подигнување на стандардот, подобар живот и економски развој, поефикасно образование, попрофесионално здравство, и посилно земјоделие итн“, нагласува Груевски во интервјуто.

Вложување максимални напори за остварување на стратегиските цели најавува премиерот, особено во делот на евроатлантските интеграции , зајакнување на правната држава, демократијата, човековите права, реформи во правосудниот систем и администрацијата и јакнење на меѓуетничките односи.

 

Миле А. Ристески