Бектеши на COP28 ја презентираше Инвестициската платформа за праведна енергетска транзиција на Северна Македонија
Министерот за економија Крешник Бектеши, денеска, во рамки на климатскиот самит COP28 којшто се одржува во Дубаи, Обединетите Арапски Емирати ја презентираше Инвестициската платформа за праведна енергетска транзиција на Северна Македонија.

Инвестициската платформа за праведна енергетска транзиција претставува основа за инвестиции и развој на политики коишто ги здружува владата, меѓународните финансии и приватниот сектор со цел за поддршка на процесот за енергетска транзиција на земјата, што меѓу другото вклучува и инвестиции во нови капацитети на обновливи извори на енергија, како и инвестиции во мрежата и складирањето за обезбедување на сигурност во снабдувањето на електрична енергија и праведни транзициски мерки.
Министерот Бектеши во своето обраќање се заблагодари на претседателката на Европската Банка за обнова и развој, Одил Рено-Басо, за укажаната поддршка во процесот на развивање и дефинирање на Инвестициската платформа како и за координацијата на останатите партнери во оваа иницијатива кои ја поддржуваат Северна Македонија во процесот на енергетската транзиција и декарбонизација.
Министерот кажа дека врз основа на главните стратешки документи, програми и акциски планови, Северна Македонија има за цел да достигне 38% учество на обновливите извори на енергија во вкупната бруто потрошувачка на електрична енергија до 2040 година (од 23% во 2020 година). Потенцираше дека за успешно спроведување на процесот на праведна транзиција и севкупната декарбонизација, потребни се значителни инвестиции и прецизно планирање за да се обезбеди сигурност во снабдувањето со електрична енергија. Во овој процес, Северна Македонија е поддржана од Мултилатералните банки за развој и партнерите донатори, а со техничка поддршка од Европската банка за обнова и развој.
„Во моментов, Владата на Северна Македонија го подготвува Инвестицискиот план во соработка со Европската банка за обнова и развој, Светска банка и ИФЦ, кој ги идентификува потенцијалните области за инвестиции и поддршка во насока на замена и пренамена на електраните на јаглен и зголемување на капацитетите на ОИЕ. Во согласност со временската рамка предвидена од страна на Климатскиот инвестициски фонд, планот е потребно да го доставиме на почетокот на следната година. Овој инвестициски план претставува и основа за поставување на Инвестициската платформа за да се мобилизираат потребните финансии во текот на периодот 2024-2030 година за праведна енергетска транзиција на земјата“ кажа министерот Бектеши.
Министерот дополни дека Инвестициската платформа е во согласност со другите стратешки документи усвоени од Владата, вклучително и Националниот план за енергија и клима, Стратегијата за развој на енергетиката на Република Северна Македонија до 2040 година, особено во однос на постепено укинување на сите капацитети на електрани на јаглен до 2030 година.
