Обвинителство

Обвинителството бара притвор за тројца од приведените пет лица за исчезнувањето на Вања Ѓорчевска

03.12.2023 19:35

Обвинителството бара притвор од 48 часа за тројца од приведените пет лица за исчезнувањето на Вања Ѓорчевска за да биде обезбедено нивното присуство до целосно расчистување на настанот. Велат сите шпекулации кои имаат за цел да ја компромитираат истрагата ќе бидат најостро санкционирани. Седми ден се трага по малолетничката која исчезна во центарот на Скопје...

За тројца од 5 мината приведени Јавното обвинителство побара мерка притвор да им одреди Кривичниот суд за да обезбеди нивно присуство во понатамошната постапка за расчистување на случајот со исчезнатата Вања.

„Се преземаат дејствија за обезбедување докази. За тројца од петтемина приведени, јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување 48-часовен притвор со цел да биде обезбедено нивното присуство до целосно расчистување на настанот. Јавното обвинителство и МВР ќе ја информираат јавноста веднаш штом се создадат услови кои нема да ја нарушат постапката“, се вели во соопштението од Јавното обвинителство.

Веќе седми ден активно се трага по 14-годишната Вања од Скопје. Вања во понеделникот утрото излегла од дома кон училиште и од тогаш и се губи секаква трага.

Интензивно се работи на случајот. Јавноста ќе биде информирана, да нема шпекулации апелираат од МВР. Ќе бидат најостро санкционирани сите коишто ќе се обидат да ја компромитираат истрагата велат и од Јавното обвинителство. И додека се интензивираат активностите на полицијата да се најде Ѓорчевска по неа трага и Интерпол. На нозе крената регионалната јавност. Во разговор за МТВ професорот Злате Димовски вели истрагата треба повеќе да се прошири, очекува по распитот на приведените веќе да има повеќе информации.

Министерот Спасовски веќе објави дека истрагата за исчезнатата Вања Ѓорчевска напредува по преземените криминалистичко истражни мерки. Но во нејзин интерес детали не се откриваат до крај. Неделава беа прегледани над 50 камери на јавни места каде се претпоставува дека последен пат одејќи кон училиштето се движела малолетничката.

 

Ана Јосифоска – Тодоровска